Почитувани граѓани, со задоволство Ве информираме дека Општина Кратово започна со активности за подготовка на Локален акционен план за животна средина (ЛЕАП) во кој ќе бидат идентификувани состојбите со медиумите на животната средина и ќе бидат предложени активности за заштита на еколошките вредности и природните убавини подобрување на состојбите со управувањето со отпадот и одведувањето на отпадните води.
На ден 3.12.2025 година во просториите на туристичкото биро во Општина Кратово се одржа првиот состанок со членовите на ЛУК (Локален управен комитет) и Работните групи во рамки на подготовка на ЛЕАП документот за нашата општина.
На состанокот беа присутни сите номинирани членови на ЛУК и работните групи.
Состанокот беше отворен од страна на г-дин Цане Анчов, Раководител на Одделение за урбанизам, комунални работи, заштита на животна средина и ЛЕР кој го истакна задоволството што ќе се изработи нов ЛЕАП кој на општината ќе и користи како квалитетен документ кој ќе содржи податоци заживотната средина од аспект на сегашна состојба и идентификувани приоритети кои во иднина преку соодветни активности и мерки би придонеле за еколошка и енергетски ефикасна општина.
Координаторот за изработка на ЛЕАП документот г-ѓа Викторија Аритонова, Помлад соработник за заштита на животна средина, издавање на Б-дозволи, располагање со урбано зеленило,ја истакна главната цел на состанокот и го претстави Друштвото за техничко – консултантски услуги “ЕкоМозаик” како компанија со долгогодишно искуство која ќе го подготвува ЛЕАП за Општина Кратово заедно со граѓаните. Потоа и даде збор на г-ѓа Славјанка Пејчиновска – Андонова, претставник од компанијата“ЕкоМозаик” која ја истакна улогата на документот чија подготовка е во тек, како и улогата на членовите на ЛУК и работните групи.
Г-ѓа Славјанка Пејчиновска – Андонова изврши кратка презентација на методологијата која ќе се користи при подготовка на ЛЕАП документот, како и опис на чекорите кои ќе ја пратат целата подготовка. Беше посочено дека паралелно ќе треба да се спроведе и постапка за стратегиска оценка врз животната средина за ЛЕАП документот.
Консултантите дадоа краток осврт на досега спроведените активности: подготовка на Институционална и организациона структура од Општина Кратово за водење на процесот на изработка на ЛЕАП (Координатор, заменик координатор и лице одговорно за односи со јавност), подготовка на временска рамка за изработка на документот, подготовка на Анкетен прашалник и Постер, анализа на реализирани мерки од ЛЕАП 1 на Општина Кратово, анализа на стратешки документи на општината, подготовка на основни податоци за Општина Кратово.
Консултантите дадоа приказ наследните чекори: дистрибуција на работни листови по групи, теренски посети на локации во општината, анализа на состојбите со медиумите во животна средина, идентификување на клучни предизвици за секој медиум од животната средина, подготовка на Акционен План за најприоритетните предизвици. Исто така накусо беше презентиран Анкетниот прашалник и резултатите од досега добиените одговори.
Консултантите ја објаснија динамиката на состаноци која е предвидена во текот на процесот на изработка и нагласи дека е од особено значење нивниот активен придонес со цел добивање на квалитетен документ во кој ќе бидат пропишани активности реално спроведливи и во насока на подобрување на животната средина во општината.
Од страна на присутните членови се разви активна дискусија во која беше искажано поединечно мислење за состојбите со животната средина на локално ниво и кои работи сметаат дека е потребно да бидат подобрени, во кој дел можат да дадат придонес и даваа предлози како да се обезбеди поголема достапност и видливост на Анкетниот прашалник освен преку подготвениот постер.
Г-ѓа Славјанка Пејчиновска – Андонова се заблагодари за одзивот и присутноста на членовите на ЛУК и на работните групи и дека материјалите потребни за секоја работна група ќе им бидат испратени во електронска верзија. За следните чекори ќе бидат навремено информиранипреку назначениот Координатор за ЛЕАП за општина Кратово.
Сите граѓани на Општина Кратово се повикани да дадат свој допринес преку пополнување на Прашалникот на нашата веб страна. Сите Ваши размислувања, идеи ќе се разгледаат и вклучат во документот.